You are here: Почеток Пливање 26-ти Меѓународен Охридски маратон

26-ти Меѓународен Охридски маратон

Е-пошта Печати PDF

Вкупно 29 натпреварувачи, од кои 18 мажи и 11 жени од пет континенти ќе учествуваат на годинашниот 26-ти Охридски пливачки маратон, што ќе почне в недела во 12 часот и ќе се плива на патеката „Климе Савин“ на Охридското Езеро.

Шестчлената македонска експедиција ќе ја предводи третопласираниот од минатата година Евгениј Поп Ацев. Нему ќе му се придружат и Александар Илиевски, Дејан Младеновски, Александар Панчевски, Миро Крстевски и Александар Тороманоски. Иако беше пријавен, настапот на овогодинешниот маратон поради повреда го откажа второпласираниот од минатата година, Томи Стефаноски. 

Стартот на трката е закажан за в недела 19 август во 12 часот кај Свети Наум, а очекувано е првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид да пристигнат околу пет и пол часа подоцна. Засега рекордот на 30-километри долгата патека го држи Игор Мајцен од Словенија со резултат 5 часа 19 минути и 49 секунди од 2000 година, а останува да видиме дали некој ќе успее да го сруши овој рекорд годинава. 

Делегат на овогодинешниот Охридски маратон е Narce Jean - Paul, додека главен доктор е Prof. Lubs Eide.

Листата на сите 29 пливачи ги вклучува следните натпреварувачи:

МАЖИ: 

 Пливач Тренер 
1 Sato Tiago Pedro Porto
2 Bryan Chris Damien Bryan
3 Stoychev Petar Krasimir Tumanov
4 Carrizo Yumges Martin  
5 Damian Blaum Eloi Gomez
6 Bertola Guillermo Voislav Misic
7 Milan Marin Milan Fabjanko
8 Ilievski Aleksandar Ilievski Zlatko
9 Evgenij Pop Acev Saso Pop Acev
10 Mladenovski Dejan Vlado Mladenovski
11 Grimsey Trent Dan Lostrom
12 Krstevski Miro Metodija Angeleski
13 Stochino Edoardo Filippo Tassara
14 Pilipas Anton  
15 Volpini Andrea Rodolfo Valenti
16 Panchevski Aleksandar Zoran Panchevski
17 Toromanovski Aleksandar Ivan Toromanovski
18Yordanov Tsvetan Ippokratis Papadimitrakos 

 ЖЕНИ:

 ПливачТренер 
1 Mello Mariana Adriana Gomes
2 Silvie Rybarova Petr Mihola
3 Esther Nunez Frederic Vergnoux
4 Dina Levacic Zeljana Levacic
5 Ivana Sitic Damir Vlajcevic
6 Noelia Petti  
7 Ivanova Lidiya Adriana Prokopieva
8 Kozydub Olga  
9 Uvarova Anna Budo Irina
10 Sokolova Alexandra Budo Irina
11 Geijo Pilar Mario Geilo

Во Охрид веќе се чувстува еуфоријата која својот врв ќе го достигне во недела. Еве што изјавија дел од луѓето кои ги затекнавме во Охрид: 

"Мислам дека оваа година конечно некој ќе успее да го смени рекордот од 2000 година. Секоја година активно го следам маратонот и се разбира дека навивам за нашите пливачи. Последниве денови се чувствува голем прилив на туристи, што секако е резултат на маратонот" - Николче Илиоски, граѓанин на Охрид.

"Во Охрид сме прв пат и дојдовме специјално за Охридскиот Маратон за да ги бодриме нашите пливачи. По успесите на нашата земја на Олимпијадата во Лондон, очекувам и овде повисок пласман од нашите во однос на претходната година" - Борис Дориски, руски турист.

"Овде дојдов со друштво, пред се да навиваме за нашите пливачи на овогодинешниот маратон. Се разочаравме кога слушнавме дека Томи Стефановски нема да се натпреварува поради повреда, но веруваме дека и останатите наши пливачи може да постигнат значајни резултати" - Дарко Ристевски од Скопје.

Генералниот секретар на Пливачката федерација на Македонија, Стефан Пулејковски истакна дека Охридскиот маратон на Светското првенство во Шангај беше прогласен за најдобра маратонска трка во светот, што е само доказ за квалитетот и високиот степен на организација кој секоја година оди повисоко. "Оваа година поради преклопување на првичниот термин за одржување на маратонот и Олимписките игри, истиот беше поместен од 11 август на 19 август. Со тоа сакавме да им овозможиме на сите натпреварувачи кои покажаа интерес за учество на двете спортски манифестации, да се појават и на двете натпреварувања, што се покажа како правилен потег, бидејќи годинава имаме рекордни 29 пливачи. Поместувањето на датумот на одржување на маратонот за една недела овозможи и собирање на повеќе средства за наградниот фонд, што се надеваме дека во иднина ќе привлече и повеќе натпреварувачи. Горди сме што и покрај негативните коментари и приказни кои кружеа по медиумите дека оваа година маратонот нема да се одржи, ние успеавме уште еднаш да докажеме како професионално се организира една манифестација од ваков тип. Секако во тоа не би успеале без огромната поддршка на  г-дин Цветко Гроздановски, кој заедно со тимот од Пливачката Федерација на РМ, како и претставниците од Кабинетот на Претседателот Иванов, успеа да даде не само парична, туку и техничка поддршка за истиот. Благодарение на поддршката на г-дин Гроздановски, и покрај светската криза, оваа година не се случи намалување на наградниот фонд, ниту пак лимитирање на вкупниот број на натпреварувачи. Секако не смееме да ги изоставиме и Александар Николовски, Паско Кузман и Сашо Стефановски, кои и оваа година максимално се посветија на организацијата на овој евент. За жал и оваа година градоначалникот на Град Охрид, не покажа интерес во потпомагање на Охридскиот маратон, но и покрај тоа се надевам дека овој 26-ти Охридски маратон ќе ги надмине очекувањата на сите посетители и натпреварувачи" - изјави генералниот секретар на ПФМ, Стефан Пулеjковски. 

Охридскиот пливачки маратон е дел од 12-те трки во рамки на „Гран-при 2012“ серијата на Меѓународната пливачка федерација, а се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Во прилог е изјавата на претседателот на Република Македонија, г-динот Ѓорге Иванов, по повод одржувањето на 26-от Охридски маратон.

Охридскиот маратон е несомнено една од најзначајните меѓународни спортски манифестации во Република Македонија, но и секако еден од најпрестижните пливачки маратони кои се дел од светската серија маратонски натпревари. Фактот што во годинашниов календар на маратонски пливачки трки, последната трка  е токму Охридскиот маратон го потврдува неговото непобитно значење. Оттука годинешниов  маратон ќе донесе посебни возбудувања и ќе одлучува за исходот на генералниот пласман. Оттука очекувам најпознатите светски маратонци особено мотивирани да се фатат во костец со езерските води и без калкулации да се натпреваруваат за постигнување на што подобар резултат. 

Маратонот  е повеќе од спортски натпревар тој е симбол за човековата борба со ограничувањата на сопственото тело, борба со природата и поместување на границите на издржливоста, Тој е извонредна метафора на човечкиот живот и човековиот стремеж кон подобро и поуспешно. Маратонците се олицетворение на цврста волја и желба за успех кој доаѓа само со  долги подготовки и постојани напорни тренинзи. 

И годинава нека победи најдобриот во фер и неизвесна борба. Охрид и Македонија ќе продолжат со своето традиционална гостопримство и безрезервна поддршка на пливачките асови. 

На маратонците им посакувам успех и мирно езеро, а на гледачите незаборавни спортски  мигови и возбудлив натпревар. 

 

Последно освежено ( Петок, 17 Август 2012 16:46 )  

Пливање

Ватерполо Репрезентација

Ватерполо Клубови

Последни фотографии

Спонзори и помагатели

Банер
Банер
Банер
Банер
Банер
Банер

Медиумска поддршка

Банер